Dildar Baykan
20 Јануари 2021•Ажурирај: 20 Јануари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, во прошталниот говор ѝ посака успех на администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп истрајно одбива да го признае изборниот пораз, а ден пред инаугурацијата на Бајден ѝ се обрати на нацијата.
„Оваа недела новата администрација ќе положи заклетва и ќе стапи на должност, а ние се молиме да биде успешна во заштитата на безбедноста и просперитетот на Америка“, порача Трамп.
Трамп на последниот ден од претседателскиот мандат уште еднаш ги осуди неодамнешните нереди што неговите поддржувачи ги предизвикаа со упадот во зградата на американскиот Конгрес.
„Како некој што претходно не бил во политика, пред четири години победив на изборите и дојдов во Вашингтон. Го оставив претходниот живот зад себе и зачекорив во многу тешка арена. Оваа арена има многу потенцијал доколку се раководи уредно“, порача Трамп.
Тој тврди дека САД добро раководеле со борбата против пандемијата на Ковид-19, а процесот на вакцинација го нарече медицинско чудо.
„Како претседател секогаш приоритетно се грижев за интересите на САД. Никогаш не го бирав најлесниот пат, всушност тоа претежно беа најтешките. Го правев тоа и водев голема борба бидејќи вие ме избравте да го правам тоа“, порача Трамп.
Трамп се пофали со тоа што и членките на НАТО во последно време издвојуваат повеќе од буџетот за одбрана, а за успех ја смета и победата над терористите на ДЕАШ и убиството на иранскиот генерал Касам Сулејмани.
„Со храбра дипломатија и принципиелна реалност постигнавме многу историски мировни договори на Блискиот Исток. Тоа е нова зора на Блискиот Исток“, изјави Трамп.
Тој се пофали и со тоа што е првиот претседател на САД во изминатите неколку децении што во својот мандат не започнал ниту една војна, а во САД вратил многу американски војници.
Министерството за одбрана, ФБИ и другите американски безбедносни агенции со максимално внимание ги спроведуваат подготовките во Вашингтон во пресрет на свечената инаугурација на Бајден и избраната потпретседателка Камала Харис.
Инаугурацијата во Вашингтон ќе ја обезбедуваат 25.000 вооружени гардисти, а безбедносните мерки се додатно зајакнати поради нередите што во зградата на Конгресот избија на 6 јануари по упадот на поддржувачите на претседателот во заминување, Доналд Трамп. Во тие нереди загинаа пет лица.
Комплексите на Конгресот и Белата куќа моментално изгледаат како милитаризиран урбан центар во кој се подготвува инаугурацијата на новиот американски претседател Бајден. Целиот тој комплекс е ограден со бариери, вклучувајќи ја и зградата на Врховниот суд.