Dildar Baykan
16 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
ЊУЈОРК (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп му ги укина безбедносните овластувања на поранешниот шеф на ЦИА, Џон Бренан, кој последната средба на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, ја нарече „предавство“, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорничката на Белата куќа, Сара Сандерс, на конференцијата за новинарите ја прочита изјавата на Трамп во врска со повлекувањето на овластувањата на Бренан, во која, меѓу другото е наведено:
„Имам единствена уставна одговорност да ги заштитам класифицираните информации на нацијата, вклучувајќи ја контролата на пристап. Во исполнувањето на оваа одговорност, одлучив да му ги укинам безбедносните овластувања на Џон Бренан, поранешниот директор на Централната разузнавачка агенција“, порача Трамп.
Трамп, исто така, порача дека лагите на Бренан и сѐ поагресивните изјави не се во согласност со пристапот до тајните информации.
Гласноговорничката Сандерс, исто така откри дека претседателот Трамп размислува и за повлекување на истите овластувања на поранешниот шеф на ЦИА, Џејмс Комеј; поранешниот директор на Националната безбедносна агенција, Мајкл Хајден; поранешната советничка на САД за национална безбедност, Сусан Рајс; поранешната главна обвинителка Сали Јејтс; поранешните вработени во ЦИА - Лиса Пејџ и Петер Стрзок ; како и на Брус Охр, кој е сѐ уште вработен во Министерството за правда.
Бренан, во врска со одлуката на Трамп се огласи на Твитер.
„Оваа акција е дел од поширокиот напор на господинот Трамп за сузбивање на слободата на говорот и казнување на критичарите. Би требало сериозно да ги загрижи Американците, вклучувајќи ги и експертите за цената на говорот. Моите начела вредат многу повеќе од овластувања. Нема да се откажам“, порача Бренан.