Michael Hernandez
18 Мај 2019•Ажурирај: 20 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, за период од 6 месеци, вчера ја одложи одлуката дали ќе воведе царина при увозот на автомобили од Европската Унија и од Јапонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одлуката е донесена во момент кога Трамп е во конфликт со Кина поради новиот трговски договор. Преговорите меѓу двете водечки светски економии не успеаја да донесат сеопфатна согласност.
Последната рунда разговори неделава минаа без договор, што доведе до тоа и двете страни да ги зголемат царините на увезената стока.
Трамп одвоено ја разгледуваше можноста и за воведување царина од 25% и за увозот на автомобили од ЕУ и Јапонија, што најверојатно би предизвикало контрамерки од европскиот блок и втората по големина азиска економија. Белата куќа до денеска (сабота) мораше да донесе одлука дали ќе ги применува новите царини.
Во својот проглас, Трамп на американскиот трговски претставник Роберт Лајтхајзер му упати барање да се вклучи во преговорите со ЕУ и Јапонија и други неименувани земји, да се ангажира околу неговите тврдења дека увозот на автомобили претставува закана за националната безбедност.
„Воената индустрија на САД зависи од нашиот автомобилски сектор, со цел да се развијат технологии кои се неопходни за одржување на нашата воена супериорност“, напиша Трамп во директивата.
Лајтхајзер во рок од 180 дена треба да му поднесе извештај на Трамп.