Kasım İleri
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Иран не се однесува согласно договорот за нуклеарното оружје и рече дека во периодот што следи ќе преземе нешто, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп одржа прес-конференција со италијанскиот премиер Паоло Џентилиони во Белата куќа.
На прашањето во врска со договорот за нуклеарно оружје меѓу Иран и државите П5+1 потпишан во 2015 година, Трамп рече дека овој договор е „катастрофален“ и оти тој никако не би го потпишал. „Иран не се однесува согласно договорот. Треба да се однесува согласно договорот, но не го прави тоа“, истакна Трамп.
Тој понатаму пренесе дека ќе се разгледа што ќе се преземе понатаму. „Прават огромна штета со потпишаниот договор. Договорот е катастрофален. Никогаш не требаше да биде потпишан. Не требаше да се преговара како што се преговараше. Јас ги поддржувам сите договори, но ова е многу лош договор, најлошиот договор што сум го видел досега. Тие не се однесуваат во согласност со договорот. Ние многу внимателно ја анализираме оваа тема и во најкраток временски период ќе се изјасниме во врска со неа“.
- „Во добра состојба сме во однос на Северна Кореја“
На прашањето во врска со ракетните проби на Северна Кореја, Трамп рече: „Во многу добра состојба сме во однос на Северна Кореја“.
Трамп посочи на средбата од минатиот период со кинескиот претсдател, Си Ѓинпинг, при што рече оти мошне го почитува лидерот на оваа држава. Тој пренесе дека верува оти кинескиот претседател Си ќе направи сѐ што е во негова можност во однос на Северна Кореја.
„Вложува големи напори. Експертите од областа велат дека Кина никогаш досега толку интензивно не работела. Неколку брода со јаглен беа вратени назад. Се случија и многу други работи. Во последните неколку часа се направени некои невообичаени потези. Навистина, сосема сум уверен дека претседателот ќе вложи напори. Не знам дали ќе успее, но целосно сум уверен дека ќе направи сѐ што е во негова можност“, рече Трамп, оценувајќи ги напорите на кинескиот претседател Си во врска со Северна Кореја.
На прашањето, пак, дали менталната состојба на севернокорејскиот лидер е во ред, Трамп рече дека нема да коментира во врска со менталната состојба на Ким Џонг-ун, но истакна оти постои одредена закана.
Трамп информираше дека причината за разговорот со кинескиот лидер Си во врска со трговските договори и за многу други теми е ветувањето на Си дека ќе направи сѐ што е во негова можност во однос на Северна Кореја.
„Му реков, доколку направи нешто во врска со заканата на Северна Кореја, ќе постигне подобар договор за трговија, затоа што неминовно постои закана“, истакна Трамп.