Rabia İclal Turan
02 Септември 2025•Ажурирај: 03 Септември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е „изненаден“ што некогаш „најсилното“ лоби на Израел во Конгресот повеќе нема иста моќ со оглед на тоа што растечки број Американци, и демократи и републиканци, изразуваат критики за смртоносната офанзива на израелската Армија во Газа, јавува Анадолу.
Во интервју во Овалната соба во петокот за конзервативниот американски сајт „Дејли колер“, што беше објавено вчера, Трамп рече дека пред две децении, Израел имал „најсилно лоби во Конгресот од што било“, но дека неговото влијание оттогаш се намалило.
„Израел беше најсилен. Денес, нема толку силно лоби. Тоа е неверојатно“, рече тој.
„Имаше време кога не можеше да зборуваш лошо, ако се сакаше да се биде политичар, не можеше да се зборува лошо. Но, денес, имате АОК (Александрија Окасио-Кортез) плус три, и ги имате сите овие лудаци, и тие навистина, го променија тоа“, додаде тој, осврнувајќи се на прогресивните пратеници кои се гласни критичари на американската воена поддршка за Израел.
„Израел беше најсилното лоби што некогаш сум го видел. Тие имаа целосна контрола врз Конгресот, а сега немаат, знаете, малку сум изненаден што го гледам тоа“, рече Трамп.
Конгресменката Марџори Тејлор Грин стана првата републиканка што јавно ги нарече акциите на Израел во Газа „геноцид“ и се придружи на колегата републиканец Томас Маси и прогресивните демократи како Илхан Омар и Рашида Тлаиб во неуспешното гласање во Претставничкиот дом со 422:6 во јули за укинување на 500 милиони долари финансирање за ракетна одбрана за Израел. Во Сенатот минатиот месец, повеќе од половина од демократите ги поддржаа мерките за блокирање на продажбата на американско оружје на Израел, што го означува всушност најсилниот отпор на Конгресот со години наназад.
Коментарите на Трамп дојдоа како одговор на прашањето за анкетата на „Пју“ од март, која покажува дека 53 % од возрасните во САД сега го гледаат Израел негативно, во споредба со 42 % во 2022 година. Водителот го спомена растечкиот блок во рамките на републиканците „Америка на прво место“ поврзани со МАГА, кои се скептични во однос на поддршката за Израел.
Анкета на Универзитетот „Квинипиак“ минатата недела, исто така, покажа дека 60 % од гласачите се против испраќање дополнителна американска воена помош за Израел - најголемо противење од нападите на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година. Половина од испитаниците, од кои 77 % демократи, рекоа дека Израел врши геноцид во Газа.
Израел уби повеќе од 63.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.