Michael Hernandez
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека САД ќе ја скрати помошта за земјите што ќе гласаат на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) против неговата одлука за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тие добиваат стотици милиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа гласаат против нас. Ќе ги следиме тие гласови. Нека гласаат против нас. Многу ќе заштедиме. Не сме многу загрижени", изјави Трамп во своето обраќање во Белата куќа.
„Тоа не е веќе како што беше порано кога некои гласаа против вас, а вие сè уште им исплаќате стотици милиони долари, не знаејќи што прават со нив", рече американскиот претседател.
Американската амбасадорка при Обединетите нации, Никки Хејли, претходно упати заканувачко писмо до членовите на Генералното собрание на ОН во пресрет на гласањето за резолуцијата против одлуката на САД да го признае Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.
Таа во писмото напиша дека американскиот претседател Трамп ќе го следи гласањето и дека, како што додава, ќе бара извештај за тоа кој гласал против нив.
Потсетуваме, утре ќе се одржи седница на Генералното собрание на ОН, на која ќе се разгледа прашањето за Кудс.
На почетокот од декември, американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел и предизвика остри критики кај меѓународната заедница, а особено кај исламскиот свет.