Hakan Çopur
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, и премиерот на Сингапур, Ли Сјен Лунг, остварија средба во Белата куќа, на којашто се договорија Сингапур да купи авиони од САД, во вредност од 13,8 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Трамп имаше тет-а-тет средба со премиерот Лунг во Белата куќа, по што беше одржана и средба на делегациите.
По средбата, Трамп и Лунг одржаа куса прес-конференција во овалната соба, на којашто ги информираа медиумите дека „Singapore airlines“ (Сингапур ерлајнс) порачала авиони од американската компанија „Boeing“ (Боинг) во вредност од 13,8 милијарди долари.
- Договор со „Boeing“ во висина од 14 милијарди долари
На прес-конференцијата, Трамп изјави: „Денеска, со Сингапур потпишавме договор за продажба на авионите 'Boeing' во висина од 14 милијарди долари. Нашите меѓусебни односи денес се на највисоко ниво, и тоа така ќе продолжи“.
За новиот договор, Трамп соопшти дека тој ќе придонесе за 70.000 нови вработувања, и го истакна своето задоволство од постигнатото.
Премиерот на Сингапур, исто така го изрази своето задоволство од соработката со САД, посочувајќи дека во последниот период се зацврстени одосите меѓу двете земји.
- Трамп изрази благодарност до Лунг
Трамп истакна дека Сингапур е првата земја од југоисточна Азија што им се придружи на САД во борбата против ДЕАШ и му се заблагодари на сингапурскиот премиер за придонесот во борбата против тероризмот.
Од друга страна, премиерот Лунг изјави дека двете земји имаат длабока и цврста поврзаност и додаде: „Им даваме големо значење на блиската соработка на полето на економијата, безбедноста и одбраната”.
„Singapore airlines“ од американската компанија „Boeing“ порача 38 авиони, а за овој договор, сингапурскиот премиер Лунг рече: „Ова е договор што носи добивка за двете страни. Од една страна ќе биде модернизирана флотата на „Singapore airlines“, а истовремено, голем број Американци ќе добијат вработување“.
- „Ние сме против нуклеарното вооружување на Корејскиот Полуостров“
Премиерот на Сингапур, Лунг, рече дека е против секаков вид нуклеарно вооружување на Корејскиот Полуостров. Тој додаде дека Сингапур стои покрај САД против заканата што доаѓа од Северна Кореја и додаде оти е важно Кина, Јапонија и Русија заеднички да најдат решение.
За односите меѓу САД и Кина, Лунг рече дека се „најзначајни билатерални односи во светот“, истакнувајќи дека дијалогот и соработката меѓу овие две земји се основа за решавање на регионалните проблеми.