Rıyaz Khalıq
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) не се брзаат со денуклеаризацијата на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сè додека нема тестирањa, јас не се брзам“, изјави Трамп, на само неколку дена пред неговиот втор самит со севернокорејскиот лидер во Ханој, закажан за 27 и 28 февруари.
Сепак, Трамп за новинарите во Белата куќа изјави дека целите на САД кон Северна Кореја остануваат исти.
„Би сакал на крајот да видам денуклеаризација на Северна Кореја“, изјави тој, но додаде дека не врши притисок за временската рамка.
Неговите изјави се контрадикторни со неговиот претставник за Пјонгјанг, Стивен Биган, кој минатата недела на јужнокорејската делегација во посета на Вашингтон ѝ рече: „Со само две недели до самитот, ќе биде тешко да се решат сите тешки прашања, но има шанса ако можеме да се согласиме за временската рамка за денуклеаризација“.
Осврнувајќи се на затишјето на Северна Кореја во тестирањето на нуклеарно оружје и балистички ракети од крајот на 2017 година, Трамп изјави: „Доколку постои тестирање, тогаш тоа е друг договор“.
Минатиот јуни, Трамп и Ким одржаа самит во Сингапур што доведе до обврзување на Северна Кореја да работи кон целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров во размена за безбедносни гаранции од САД.
Трамп, исто така, изјави дека разговарал со неговиот јужнокорејски колега, Мун Џае Ин, за да дискутираат за престојниот самит.