Michael Hernandez
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп подлегна на притисокот на јавноста и синоќа нареди на институциите низ Соединетите Американски Држави (САД) да се спуштат знамињата на половина копје поради неодамнешната смрт на американскиот сенатор Џон Меккејн, јавува Anadolu Agency (AA).
Изминатиот викенд почина истакнатиот републикански сенатор и ветеран од Виетнамската војна, Џон Мекејн, кој уживаше голем респект и во демократскиот блок. Меккејн важеше за еден од најгласните критичари на Трамп и во својот тестамент побара Трамп да не присуствува на неговиот погреб, што ќе се одржи на 2 септември.
Трамп по повод смртта на Меккејн објави кратка порака со сочувство до ожалостеното семејство и не дозволи администрацијата на Белата куќа да објави официјално соопштение во кое за починатиот сенатор се говори во суперлатив.
Меккејн во тестаментот наведе дека американската нација ја чинат идеалите, а не територијата и крвта, со што им контрираше на белите националисти кои претежно го поддржуваат Трамп и неговата идеја за голема американска нација.
Трамп во дополнително соопштение потврди дека имале различни погледи, но сепак кажа дека го почитува Меккејн и неговото служење на Америка.
Доналд Трамп потврди дека нема да присуствува на тридневните комеморативни собири кои почнуваат во петок, туку дека администрацијата на Белата куќа ќе ја предводи потпретседателот на САД, Мајк Пенс.