Emel Gözellik
07 Јануари 2021•Ажурирај: 07 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, по гласањето на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) изјави дека процесот на преносот на власта ќе биде регуларен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп говореше откако Конгресот ги потврди изборните резултати од ноемвриските избори, со што демократот Џо Бајден и формално стана 46. претседател на САД.
Тој истакна дека процесот на пренос на власта, кој е планиран за 20 јануари, ќе биде регуларен, иако не се согласува со резултатите од изборите.
„Иако претставува крај на најголемиот прв мандат во историјата на претседателството, ова е само почеток на нашата борба да ги направиме САД величествени“, рече Трамп.
Конгресот на САД ги потврди изборните резултати од ноемвриските избори и така демократот Џо Бајден стана 46. претседател на САД.
Американскиот потпретседател во заминување, Мајк Пенс, соопшти дека Конгресот го потврдил гласањето на Електорскиот колеџ кој минатиот месец гласаше со 306:232 во корист на Бајден, во однос на Доналд Трамп.
Пенс официјално ја прогласи изборната победа на Бајден, како и триумфот на новоизбраната американска потпретседателка Камала Харис.
Пратениците во двата дома на американскиот Конгрес ги отфрлија обвинувањата за регуларноста на изборните резултати од сојузните држави Пенсилванија и Аризона, а за сличните забелешки на резултатите од Висконсин немаше ниту расправа, бидејќи ниту еден пратеник не ги поддржа таквите тврдења.
Конгресот во продолжената седница денеска ги потврди изборните резултати, а во текот на вчерашниот почеток на седницата дојде до големи нереди кои ги предизвикаа приврзаниците на Трамп кои влегоа во Капитол и се обидоа да ја спречат потврдата на неговиот изборен пораз.
Во текот на нередите во Вашингтон животот го загубија најмалку четири лица.