Трамп размислува за укинување на санкциите и продажба на борбени авиони Ф-35 на Туркије, објавија медиумите
- Американскиот претседател изрази намера да помогне во финализирањето на продажбата на авионите Ф-16 на Туркије, пренесе „Фокс њуз“

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за укинување на санкциите и продажба на борбените авиони Ф-35 на Туркије, објави денеска „Фокс њуз“, известува Анадолу.
Повикувајќи се на два извори, „Фокс њуз“ објави дека по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела, Трамп ја изразил својата намера да помогне во финализирањето на продажбата на борбените авиони Ф-16 на Туркије, договор на кој се работи долго време.
Трамп е отворен и за идејата за продажба на авионите Ф-35 на Туркије „доколку двете земји постигнат договор што рускиот противракетен систем С-400 ќе го направи нефункционален во Туркије“, информираше истиот извор, осврнувајќи се на спорот поради кој Туркије беше суспендирана од производната програма на овие борбени авиони од петтата генерација.
За време на телефонскиот разговор во неделата, Ердоган му рекол на Трамп дека подобрувањето на билатералната одбранбена соработка бара укинување на санкциите кон Туркије според Законот за спротивставување на американските противници преку санкции (CAATSA), како и финализирање на процесот на набавка на Ф-16 на Туркије и враќање на Туркије во програмата Ф-35.
Според медиумските вести, тимот на Трамп побарал правна и техничка анализа за начините како да се избегне етикетирањето на Туркије дека го прекршува CAATSA.
За време на првиот претседателски мандат на Трамп во 2019 година, САД ја суспендираа Туркије од програмата Ф-35, спротивставувајќи се на купувањето на рускиот систем за противракетна одбрана С-400 од страна на Туркије, тврдејќи дека рускиот систем може да ги загрози борбените авиони.
Туркије во повеќе наврати повтори дека нема конфликт меѓу двете земји и предложи комисија да го проучи ова прашање. Туркије, исто така, рече дека ги исполнила своите обврски во врска со програмата Ф-35 и дека нејзиното суспендирање ги прекршило правилата. Анкара тврди дека договорот ќе ја зајакне не само Туркије, туку и НАТО.
Минатата година американскиот Стејт департмент одобри продажба на борбени авиони Ф-16 и опрема за модернизација во вредност од 23 милијарди долари на Туркије. Разговорите за деталите продолжуваат.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.