Dildar Baykan
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, стави вето на нацрт-буџетот вреден над 740 милијарди долари наменет за одбраната на земјата во текот на 2021 година, јавува Агенција Анадолија (AA).
Трамп испрати нота до Конгресот со која гo информира дека става претседателско вето на Нацрт-законот за буџетот за одбрана (NDAA), кој изминатите недели беше одобрен и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
„За жал, овој нацрт не ги опфаќа сите клучни теми на националната безбедност и е во спротивност со моите безбедносни и надворешнополитички приоритети за Америка. Ваквиот нацрт е подарок за Кина и Русија“, порача Трамп во нотата испратена до Конгресот.
Нацрт-законот за одбрана во првото гласање доби двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот.
Поради претседателското вето, Претставничкиот дом и Сенатот ќе мора повторно да гласаат за нацртот, и ветото ќе се прегласа само доколку се повтори двотретинската поддршка во двата дома на Конгресот.
Нацрт-законот е вреден 740,5 милијарди долари, вклучувајќи основен буџет за Пентагон од 635,5 милијарди долари и 69 милијарди долари за потенцијални прекуокеански воени операции. Исто така, 8,9 милијарди долари се наменети за трошоци надвор од рамките на законите и 26,6 милијарди долари кои со посредство на Министерството за енергетика ќе бидат потрошени за нуклеарните капацитети на САД.
Трамп, претходно, меѓу другото, предупреди дека ќе стави вето доколку не бидат воведени дополнителни мерки против технолошките компании кои наводно биле вмешани во изборниот процес во САД и биле настроени против него и неговата кампања.
Доналд Трамп не се согласува ниту со тоа што Законот за финансирање на Пентагон предвидува преименување на воените бази кои носат име на генерали на конфедералните сили, кои се залагале за ропството.
Нацртот не е во согласност ниту со ставовите на Трамп за намалувањето на американското воено присуство во Германија и Јужна Кореја.