Michael Gabriel Hernandez
07 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп стави вето на двопартиската конгресна резолуција за ограничување на неговата способност да спроведе воена акција против Иран, нарекувајќи го таквото ограничување „многу навредливо“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп се спротивстави на мерката за која се изјаснија и двата дома на Конгресот, откако на почетокот на јануари го нареди убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, акција што ги стави САД и Иран на работ на сеопфатна војна. Тој ги предупреди пратениците да не ја усвојуваат мерката, ветувајќи дека ќе стави вето доколку дојде до неговата работна маса.
„Резолуцијата би наштетила во голема мерка на можноста на претседателот да ги заштити Соединетите Американски Држави, нивните сојузници и нивните партнери. Резолуцијата подразбира дека уставниот орган на претседателот за употреба на воена сила е ограничен на одбраната на САД и нивните сили против непосреден напад. Ова е неправилно“, изјави Трамп.
„Живееме во непријателски свет во кој се развиваат закани, а Уставот признава дека претседателот мора да биде во можност да ги предвиди следните чекори на нашите противници и да преземе брзи и одлучни активности како одговор. Тоа е она што го сторив!“, рече тој, осврнувајќи се на убиството на Сулејмани.
„Конгресот не требаше да ја донесе оваа резолуција“, изјави Трамп.
Во американскиот воздушен напад во близина на аеродромот во Багдад на почетокот на годината беа убиени 10 лица, меѓу кои и истакнатиот генерал на Иранската револуционерна гарда, Касим Сулејмани и заменик-командантот на ирачките шиитски сили „Хашд ал Шаби“, Ебу Мехди ал Мухандис.
Трамп за време на своето тригодишно претседателство издаде вето седумпати, вклучувајќи слична мерка која беше обид за негова контрола на воената поддршка за операцијата предводена од Саудиска Арабија против бунтовниците Хути.
Малку е веројатно дека Конгресот ќе може да го собере двотретинското мнозинство што овој пат му е потребно за да го поништи ветото на Трамп, како што беше случајот со ветото во претходните шестпати.