Gülbin Yıldırım
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, остро ја критикуваше Светската трговска организација (СТО) нарекувајќи ја катастрофа, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп синоќа во Белата куќа се сретна со гувернерите со кои разговараше за економската ситуација во земјата.
Посочувајќи дека од претседателските избори во ноември 2016 година досега, во САД се отворени три милиони нови работни места, Трамп изјави дека земјата во последниот квартал бележи економски раст од три проценти.
Американскиот претседател го пофали воведувањето на даночните олеснувања во САД и рече дека тоа ќе биде од корист за сите Американци, без оглед на која политичка опција ѝ припаѓаат.
Од друга страна, Трамп изјави дека САД се соочуваат со неправеден однос кога станува збор за меѓународната трговија и дека губат значителна количина пари, поради бариерите поставени од страна на нејзините најголеми трговски партнери на чело со Кина, Канада и Мексико.
Трамп тврди дека САД поради тие проблеми годишно губи 130 милијарди долари само во трговската размена со Мексико.
Сепак, Трамп смета дека за трговските загуби на САД не треба да се обвинуваат другите земји, туку претходната администрација, додавајќи дека многу го почитува кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
„Светската здравствена организација е катастрофа. Ни оневозможува да бидеме добри во трговијата. Ги губиме тужбите и немаме свои судии“, заклучи Трамп.