Ali Murat Alhas
27 Септември 2018•Ажурирај: 28 Септември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - По состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговиот „Договор на векот“, заткулисниот план за мир на Блискиот Исток, ќе биде обелоденет за неколку месеци, пренесува Аnadolu Agency (AA).
По состанокот, Трамп ја повтори поддршката за Израел, но исто така истакна дека дводржавното решение за блискоисточното прашање ќе биде најдобро.
Тој нагласи дека неговиот мировен план за Блискиот Исток, чии детали се нејасни, ќе се објави за два или за три месеци.
Истакнувајќи дека Палестинците на крај ќе се вратат на преговарачката маса, Трамп рече: „По нашиот потег за Ерусалим [т.е. преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим], Израел ќе мора да направи нешто добро за Палестинците.“
Коментарот сугерира дека администрацијата на Трамп очекува Израел на крајот да понуди отстапки на дамнешните палестински барања.
„Направен е голем напредок; Израел и Палестинците сакаат да реализираат нешто“, истакна Трамп. „Наскоро ќе започнеме да се движиме многу брзо.“
Тој продолжи, истакнувајќи ја неговата континуирана поддршка за правото на Израел за „заштита“, велејќи дека самопрогласената еврејска држава „нема друг избор освен да биде агресивна“.
Нетанјаху, од своја страна, му се заблагодари на Трамп за поддршката на Израел и повторното наметнување санкции за Иран.
Критикувајќи го „агресивното“ однесување на Иран, израелскиот премиер вети дека неговата земја ќе се брани од она што го опиша како „иранска агресија во Сирија, Либан и на други места“.
- „Договорот на векот“ -
Последните неколку месеци, претставниците на администрацијата на Трамп разговараа со лидерите во регионот, со цел да изнајдат решение за значајниот мировен план на Блискиот Исток.
Иако деталите се нејасни, се смета дека планот вклучува неколку клаузули кои го фаворизираат Израел, како што е оставањето на окупираниот Источен Ерусалим (Кудс) во израелски раце и континуираното постоење на израелски населби на Западниот Брег.
Наводите на печатот сугерираат и дека во планот не се споменува репатријацијата на околу 5,9 милиони палестински бегалци кои беа протерани од нивните огништа за да ослободат место за Израел.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, од своја страна силно се спротивстави на планот на Трамп, нарекувајќи го „шлаканица на векот“.
Од признавањето на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, од страна на Трамп, минатата година, Абас отфрли каква било улога на САД во палестинско-израелскиот мировен процес.