БЕРЛИН (AA) - Низ Германија, денес, на 9 ноември, се одбележува 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид, симболот на Студената војна, кој повеќе од две децении ја делеше Источна од Западна Германија, пишува Anadolu Agency (AA).
По сломот на нацистичка Германија, сојузниците ја поделија земјата и главниот град Берлин на четири окупациски зони: американска, британска, француска и советска. Германските региони кои тогаш паднаа под контрола на САД, Велика Британија и Франција се обединија во мај 1949 година, со што е формирана Сојузна Република Германија, односно Западна Германија.
Од советскиот сектор на 7 октомври 1949 година формирана е Германската Демократска Република (ДДР) попозната и како Источна Германија. За главен град на Западна Германија е избран Бон, а Берлин на Источна Германија.
Западна Германија, со поддршка на земјите сојузници, во наредниот период се развиваше во контекст на слободната пазарна економија и демократија.
Од друга страна, неразвивањето на Источна Германија, чија економија и политичка структура се темелеа на советскиот социјалистички систем, резултираше со бегање на десетици илјади жители од слабата Источна кон значително просперитетната Западна Германија.
Најповолно место за преминување во Западна Германија беше Берлин.
Се претпоставува дека во периодот од 1949 до 1961 година од Источна во Западна Германија пребегале повеќе од три милиони луѓе, меѓу кои значителен број образовани и квалификувани млади луѓе.
За да го запре масовното бегство во западниот дел, Источна Германија на 12 август 1961 година тајно донесе одлука да се затвори границата во Берлин.
Утредента, на 13 август, источногерманската Војска со бодликава жица го затвори подрачјето под советска контрола, но тоа не го спречи преминувањето.
- „Чекпоинт Чарли“ -
Со одлука на комунистичкиот режим, за да се спречи заминувањето на народот кон Западна Германија, во ноќта на 17 август 1961 година, започна изградбата на Берлинскиот ѕид, со висина од 3,6 метри, кој подоцна ќе биде наречен „ѕидот на срамот“.
Изградбата, одржувањето и мониторирањето на ѕидот и широкиот „појас на смртта“ со него, градбата што беше во завршна фаза и беше долга околу 160 километри, беше многу скапо и претставуваше значителен товар за источногерманската економија. Преку Берлин поминуваа 44 километри ѕид.
Помеѓу источниот и западниот Берлин формирани се осум гранични премини.
„Чекпоинт Чарли“ (Checkpoint Charlie) беше еден од најпознатите гранични премини помеѓу Источниот и Западниот Берлин помеѓу 1945 и 1990 година. Се наоѓаше на улицата „Фридрихштрасе“, помеѓу американскиот и советскиот сектор, како и помеѓу градските квартови Центар во Источен Берлин и Креузберг во Западен Берлин.
Тогашниот американски претседател, Роналд Реган, за време на посетата на Западен Берлин во 1987 година упатил повик до тогашниот руски лидер, Михаил Горбачов, да го сруши ѕидот.
Долгогодишниот владетел на ДДР, Ерих Хонекер, во јануари 1989 година јавно давал прогнози дека Берлинскиот ѕид ќе стои уште 50 до 100 години, но низата настани, кои потоа се препознаени како мирна револуција во ДДР во 1989 година, го демантираше.
- Рушењето на ѕидот
Во септември 1989 година почнаа демонстрации низ Источна Германија. На почетокот демонстрантите беа луѓе кои сакаа да емигрираат на Запад, и ја извикуваа паролата „Wir wollen raus“ (Сакаме надвор). Демонстрациите траеја и стануваа сè помасовни. Нивната кулминација беше на 4 ноември, кога околу половина милиони демонстранти се собраа на плоштадот „Александарплац“ во Источен Берлин.
Веќе на 9 ноември 1989 година, граѓаните самоиницијативно почнааа физички да ги разбиваат деловите на ѕидот, а на 13 ноември источногерманската Војска почна со организирано отстранување на деловите од ѕидот. На државјаните на ДДР веднаш им беше овозможено да преминуваат од Источен во Западен Берлин, меѓутоа пограничната служба до 23 ноември 1989 година го ограничуваше влегувањето на западногерманските државјани во Источен Берлин. Официјалното обединување на Германија се случи на 3 октомври 1990 година.
Во периодот од 1961 до 1989 година источногерманските граничари убија најмалку 138 лица што се обидуваа да избегаат преку ѕидот. Преку ѕидот успешно избегаа 5.075 лица, од кои 574 од редовите на војниците чија задача беше да го чуваат Берлинскиот ѕид. Првите две лица кои го изгубија животот во обидот да го поминат Берлинскиот ѕид се Ида Сиекман и Гунтер Лифтин.
Sидот беше олицетворение на Студената војна, па рушењето на Берлинскиот ѕид го означи почетокот на ослободувањето од комунистичката идеологија и структура, не само во Источна Германија, туку во повеќето до тогаш социјалистички држави во Европа.
Интересно е дека враќање во периодот на поранешна Демократска Република Германија, односно ДДР, посакуваат 10 до 15 отсто од оние 16 милиони граѓани кои живееја во нешто што може да се нарече обид за воспоставување социјалистичка држава.
Сепак, последните анкети покажуваат дека големо мнозинство граѓани се радуваат затоа што живеат во обединета и економски моќна Германија, каде што може да уживаат во многу поголема благосостојба и слобода отколку во поранешна ДДР, која постоеше од 1949 до 1990 година. Германија долга низа години, а посебно по обединувањето, е најголема економска сила во Европа и меѓу водечките во светот.
На секој 9 ноември се организира скромно одбележување на годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид, кога присутните се присетуваат и на оние што ги загубиле животите.
Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер на церемонијата по повод одбележувањето на 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид рече дека овој датум кај голем број луѓе денес не се слави на начин како што тоа било случај претходно.
„Поделбите во општеството и понатаму се продлабочуваат, а тоа многу јасно се одразува и на изборните резултати. Обединувањето на Германија е големо дело. Од луѓето бараше голема пожртвуваност“, порача Штајнмаер.
Германската сојузна канцеларка, Ангела Меркел, по повод 25-годишнината од падот на ѕидот, го нарече рушењето на ѕидот „епски удар за тиранијата“.