Muhammed Enes Çallı
17 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес изјави дека освен ризикот да донесе уште поголеми конфликти, сегашниот конфликт меѓу Израел и Палестина има и потенцијал да донесе историски мир, јавува Анадолу.
„Од оваа војна би можеле да произлезат поголеми војни, но исто така би можело да дојде и до историски мир. Нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган верува дека историскиот мир е возможен“, рече Фидан на заедничката прес-конференција во Бејрут, главниот град на Либан, во присуство на либанскиот колега Абдалах Бухабиб.
Фидан истакна дека „хегемонистичките сили“ со години го користеле медиумското влијание за да ја прикријат вистинската природа на израелско-палестинското прашање и истакна дека сега е време да се стави крај на тоа.
„Сега е време меѓународната заедница да преземе сериозни чекори кон решение за две држави засновано на границите од 1967 година со Источен Кудс (Ерусалим) како главен град на државата Палестина“, додаде тој.
Тој исто така истакна дека мирот нема да завладее во регионот сѐ додека формирањето на државата Палестина се одложува.
„Со години предупредуваме за тоа. Ве молиме внимавајте на предупредувањата што ги испраќаме“, рече Фидан.
Тој нагласи дека Туркије вложува максимални напори да спречи ескалација на војната што може да го погоди целиот регион, вклучувајќи ги Либан, Египет и Јордан.
„Окупирате нечија земја. Му ја заземате куќата, ги бркате, носите некого и го сместувате таму, го нарекувате 'доселеник'. Тоа се вика кражба“, рече Фидан.
Тој нагласи дека е потребно да се направи сѐ за да не биде погодено цивилното население.
„Разговараме за мерки за да се запре оваа драма во Газа и да се осигуриме дека цивилното население нема да биде погодено. Ние сме во близок контакт со земјите во регионот, особено во однос на испораката на хуманитарна помош за населението во Газа“, додаде тој.
Тој рече дека официјална Анкара ќе продолжи со напорите за воспоставување траен мир во регионот.
Според последните информации, најмалку 2.848 Палестинци, меѓу кои 750 деца, се убиени во израелските воздушни напади во Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Газа се соочува со хуманитарна криза без струја, додека останува без вода, храна, гориво и медицински материјали. Цивилите бегаат на југ по израелското предупредување да ги евакуираат северните области.
Борбите започнаа кога Хамас презеде повеќекратни ненадејни напади на 7 октомври, со голем број ракетни напади и упади во Израел по копно, море и воздух. Хамас рече дека операцијата била одмазда за претходните рации во џамијата „Ал Акса“ и зголемувањето на насилството од израелските доселеници.
Израелската војска како одговор започна операција против позициите на Хамас во Појасот Газа.
Во конфликтот се убиени повеќе од 1.400 Израелци.