Ömer Tuğrul Çam
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
АНКАРА / ТРИПОЛИ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак, шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан и портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, се состанаа со либискиот премиер Фајиз ес Сараџ во главниот град на Либија, Триполи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турската делегација на аеродромот во Триполи беше пречекана од министерот за надворешни работи на Либија, Мухамед Тахир Сијала. По состанокот со Сијала, турската делегација се сретна со либискиот премиер Сараџ.
Во изјавата на либиската Влада се истакнува дека на состанокот се разговарало за начините за унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји.

Се наведува дека се разговарало за неодамнешните случувања во Либија, за меѓународните напори за решавање на либиската криза, а исто така разгледани се и други теми за соработка во многу различни области, засновани врз братските врски помеѓу двете земји.
На состанокот, според соопштението, е дискутирано и за инвестициите на турските јавни и приватни компании во нафтената инфраструктура на Либија.
Меѓу другото, на средбата се разговарало и за прашањето на солидарноста при создавањето на либиските одбранбени и безбедносни сили и обука и опремувањето на либиските безбедносни сили.
Чавушоглу, Албајрак и Калин се сретнаа и со претседателот на Високиот државен совет во Либија, Халид ел Мешри.