Islam Doğru
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
ЊУЈОРК - Пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) во последните 24 часа во Соединетите Американски Држави (САД) ги зеде животите на 822 лица, со што вкупната бројка на починати од коронавирусот во земјата се искачи на 119.161, јавува Агенција Анадолија (АА).
САД продолжуваат да го држат приматот на земја со најголем број заразени и смртни случаи во светот.
Според податоците објавени на интернет-страницата „Worldometer“, на која секојдневно се ажурираат информациите поврзани со пандемијата на коронавирусот во светот, во последните 24 часа во САД се детектирани 25.662 новозаразени, со што вкупната бројка на лица позитивни на Ковид-19 се искачи на 2.209.260.
Како последица на заразеност со коронавирусот, во последните 24 часа во САД починаа 822 лица, зголемувајќи го вкупниот број на смртни случаи во земјата на 119.161.
Според бројот на лица позитивни на Ковид-19, по САД следуваат Бразил со 929.149, Русија со 553.301 и Индија со 356.372.
Иако е забележан пад во бројот на заразени и смртни случаи на дневно ниво, сојузната држава Њујорк продолжува да биде епицентар на заразата во САД.
Досега во Њујорк се детектирани 405.785 лица позитивни на коронавирусот, додека 30.998 заразени ја загубија битката со вирусот.
По Њујорк следуваат Њу Џерси со приближно 170.000 заразени и Калифорнија со 159.000.
Од почетокот на заразата досега во САД се извршени 25.744.000 тестирања, а оздравеа над 903.000 заразени.