Özkan Beyer
24 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) - Фотографиите од мачката наречена Мир, која беше спасена од страна на припадник на турската армија, од под урнатините на сирискиот град Ал-Баб, го обиколија светот, а потоа се појавија илјадници луѓе кои сакаат да ја вдомат, јавува Anadolu Agency (AA).
Омер Озкан, водник во вооружените сили на Република Турција, кој се наоѓа во регионот на Ал-Баб како дел од офанзивата „Штитот на Еуфрат“, спаси мачката од под урнатините и ѝ го даде името Мир, а сега многумина сакаат да ја вдомат.
Водникот Озкан сфатил дека во средината во која што се наоѓа не е во можност да ѝ посвети доволно внимание на мачката, така што се обратил во ЏАХИДЕ, организација за заштита на животните.
Потоа ја донел мачката на границата и им ја предал на претставниците на оваа организација, кои ги извршиле потребните прегледи.
Кемал Ѓунеш, член на Управниот одбор на ЏАХИДЕ, во разговор со новинарот на АА рече дека мачката била запуштена, но ѝ биле извршени сите потребни контроли.
„Мачката е во многу добра состојба. Искрено се надеваме дека успешно ќе ја вдомиме. Војникот кој ни ја даде мачката подоцна дојде и на посета. Навистина би сакал во тој момент да бевте и да видевте како мачката го препозна“, рече Ѓунеш.
Тој додаде дека откако фотографиите од мачката биле објавени на социјалните мрежи, се јавиле голем број луѓе од целиот свет, кои изразиле желба да ја вдомат мачката.
„Сакаме мачката да ја предадеме некому кој навистина ги сака животните. Сметам дека е вистинита онаа поговорка: „Кој не сака животни, не ги сака ни луѓето“. Тоа е причината зошто сакам да ѝ обезбедам топол дом. Во моментов има осум месеци. Добивме повици од илјадници луѓе од Турција, Холандија, Германија, Австрија, па дури и од Јапонија. Веруваме дека мачката ќе најде добар и топол дом“, рече Ѓунеш за АА.