Ahmet Gürhan Kartal
05 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
ЛОНДОН (АА) - Турскиот вицепремиер Тугрул Туркеш остро ја критикуваше забраната од страна на германските власти за одржување митинзи на турски министри во германските градови, јавува Anadolu Agency (AA).
Туркеш истакна дека овој потег не е добро однесување, одговарајќи на прашањата на новинарите во Институтот Јунус Емре во Лондон, каде што одржа средби.
Претходно оваа недела, германските власти забранија протести на турски официјални лица во пресрет на претстојниот референдум во Турција на 16 април за уставните промени.
Во четвртокот, општина Гагенау во југозападна Германија ја повлече дозволата за средбата на турскиот министер за правда Бекир Боздаг со турската заедница таму, повикувајќи се на загриженоста во врска со пренатрупаноста во објектот. Како резултат на тоа министерот Боздаг ја откажа планираната посета на Германија во целост.
Турскиот министер за економија, Нихат Зејбекчи, денес имаше планирано обраќање пред турската заедница во западниот град Келн, кое исто така е откажано од страна на локалните власти поради загриженост во однос на безбедноста.
Таквите потези предизвикаа остри критики од страна на турските власти и од опозициските партии.
Речиси 1,5 милиони Турци во Германија имаат право на глас на претстојниот референдум, сочинувајќи повеќе од 2,5 отсто од електоратот.