Ali Kemal Akan,Ahmet Alp Özden
18 Ноември 2020•Ажурирај: 19 Ноември 2020
АНКАРА
Големото народно собрание на Република Турција ја прифати предлог одлуката на турскиот претседател за испраќање на Турските вооружени сили во Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Припадниците на Турските вооружени сили заедно со руските сили ќе учествуваат во активностите на заедничкиот центар за надзор на примирјето кој ќе биде поставен на локалитетот кој ќе го одреди Азербејџан", се наведува во одлуката.
Во одлуката се наведува дека Турција и Азербејџан се братски земји кои во 2010 година потпишаа Договор за стратешка соработка и взаемна помош и дека испраќањето на турските сили во Азербејџан претставува чин кој е во согласност со тој договор, но и со барањето на Азербејџан руските и турските мировни сили да бидат вклучени во Заедничкиот центар за надзор на почитување на примирјето.
„Ангажманот на турските сили ќе биде корисен и за мирот и просперитетот на народот на тој регион, а воедно е неопходен и од аспект на заштита на нашите национални интереси", се наведува во усвоената одлука.
Ерменските сили на 27 септември почнаа нови напади врз населбите и воените положби на Азербејџан а азербејџанската војска одговори со операција со цел ослободување на окупираните региони и успеа да нанесе големи губитоци на ерменските сили и да ослободи неколку градови и повеќе од 300 населени места.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев во обраќањето на нацијата рече дека договорот е победа за Азербејџан, а пораз за Ерменија, чиј премиер Никол Пашинјан рече дека потпишувањето на тој договор била тешка одлука, но дека немало друг избор.
Во Азербејџан граѓаните излегоа на улици и го прославија договорот, додека во Ерменија граѓаните излегоа да протестираат поради потпишаниот документ.
Од 1991 година ерменската војска илегално го окупира Нагорно-Карабах и седум соседни региони кои меѓународно се признаени на територијата на Азербејџан и сочинуваат петина од вкупната територија на таа земја.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многумина меѓународни организации, бараат повлекување на окупаторски ерменски сили од Нагорно-Карабах и уште седум окупирани азербејџански региони.