Riyaz Khaliq Khaliq
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
ХЕЛМАНД/ИСТАНБУЛ (АА) - Турските градежни компании во Авганистан добиваат пофалби за најсовремените проекти за електрична енергија во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние високо ја вреднуваме работата на турската компанија“, рече Муџибурахман Омар, привремен заменик-министер за енергетика и води на Авганистан, за време на посетата на активностите во рамките на проектот за електрична енергија во јужната авганистанска покраина Хелманд.
„Дојдовме тука од Кабул за да го провериме напредокот на работата на локацијата на проектот“, рече Омар, фалејќи го темпото на работа на турската компанија.
Турската компанија ја гради хидроцентралата „Кајаки“ од 100 мегавати, околу 700 километри од главниот град на Авганистан, Кабул.
Омар истакна дека Авганистан е отворен за сите инвеститори.
„Почнувајќи со Турците, апелираме до сите инвеститори низ целиот свет, да дојдат и да инвестираат во нашата земја“, рече министерот.
Тој нагласи тека администрацијата на талибанците е посветена на развој на инфраструктурата во земјата оштетена од војната.
Талибанците ја вратија контролата над државата откако претставниците на власта поддржана од САД го напушти Авганистан, претходно оваа година во август.
- Проекти за електрична енергија кои ќе им користат на 3 милиони луѓе -
Сулејман Џилив, претседател на Турско-авганистанскиот деловен совет при Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК), рече дека турските компании во целост ја продолжуваат својата работа во Авганистан.
Тој истакна дека браната „Кајаки“ била пуштена во употреба и изградена од страна на Соединетите Американски Држави (САД) во 1953 година и хидроцентралата од 33 мегавати била додадена во тој комплекс во 1975 година.
„Турските компании ја надградија централата на 51 мегават во 2016 година и започнаа да градат втора централа која ќе генерира 100 мегавати на електрична енергија“, рече Џилив, кој го придружуваше авганистанскиот министер при неговата посета на локацијата.
Џилив рече дека првиот блок од 33 мегавати од новата централа ќе профункционира во наредните три месеци, а ќе следуваат и вториот и третиот блок.
„Кога ќе биде целосно функционална, новата централа ќе произведува електрична енергија за повеќе од 3 милиони луѓе кои живеат во областите Хелманд и Кандахар“, рече турскиот претприемач и додаде дека се горди бидејќи ова ќе биде главно достигнување и придонес за Авганистан.
Во врска со посетата на заменик-министерот за енергетика и вода на Авганистан на локацијата на проектот, Џилив рече: „Министерот замина многу задоволен, тој ни се заблагодари и вети дека ќе пружи помош.“
„Ние сме среќни. Ние ги претставуваме турските инвеститори. Затоа даваме сѐ од себе за да ја извршиме нашата работа по највисоки стандарди. Јас сум убеден дека турските инвеститори ќе нѐ следат и дека многу други изведувачи ќе дојдат во Авганистан. Ние отвораме нова врата и ги повикуваме нив“, рече Џилив.
- Промената на администрацијата не влијаеше на нас -
Бурак Унсал, претставник на една турска инвеститорска компанија во Авганистан, рече дека изградбата на сегашниот проект „има за цел да промовира просперитет и повисоки стандарди за живеење за авганистанскиот народ“.
„Покрај централата од 50 мегавати, се ближиме до крајот на реализацијата на втората фаза од 100 мегавати. Изградбата е речиси готова и сега ги поставуваме електричните и електромеханичките компоненти на системот. Нашата цел е да го завршиме проектот и да почнеме со генерирање на електрична енергија до март 2022 година“, рече Унсал.
„Снабдувањето со електрична енергија е многу важен фактор за зголемувањето на нивото на просперитетот на луѓето“, рече Унсал, мислејќи на маките на авганистанскиот народ.
Батухан Бичер, менаџерот на проектот за електрична енергија, рече дека промената на администрацијата во Авганистан овој август не влијаела на нивната работа.
„Ние започнавме да работиме на разводната станица од 220 киловати на 5 август. Вградивме електромеханички компоненти. И покрај промената на Владата, не престанавме со работа. Ќе ги завршиме механичките инсталации и ќе ја забрзаме работата со каблите“, рече тој, додавајќи дека персоналот на турската и авганистанската компанија добро се согласуваат и работата напредува непречено без проблеми.