Burcu Çalık
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
ГАЗИАНТЕП / ХАТАЈ – По нападот со хемиско оружје во сирискиот град Идлиб, 2,5 годишната Реда Али, во тие страотни моменти, со возилата на брзата помош, без присуство на родителите беше префрлена на лекување во Турција. Благодарение на турската Црвена полумесечина, малечката Реда го пронајде своето семејство, јавува Anadolu Agency (AA).
По шестмесечен копнеж, таткото Али Мухамед, на турско-сирискиот граничен премин во солзи ја прегрна својата ќерка.
Екипата на АА присуствуваше на средбата меѓу малечката Реда и нејзиното семејство на граничниот премин и ги овековечи моментите испреплетени со тага и среќа.
Нападот со хемиско оружје во Идлиб кој го изведе режимот на Асад, предизвик смрт на стотици лица и беше причина за големата трагедија која ја преживеа малечката Реда.
Во нападот со хемиско оружје, Реда ја загуби својата мајка, а и самата беше ранета. Со амбулантно возило беше пренесена во државната болница Рејханли во Хатај, Турција.
По првата интервенција во оваа болница, Реда беше префрлена на лекување во друга болница. Во целиот период на лекување покрај Реда немаше никој. По интензивните напори кои ги вложија докторите од болницата, по речиси еден месец Реда успеа да заздрави.
Во месец мај, малечката Реда е привремено префрлена во детскиот дом кој потпаѓа под дирекцијата на Министерството за семејство и социјална политика на Турција во Газиантеп.
Истовремено официјалните лица започнаа со истражување дали малечката Реда има семејство во Сирија.
- Истрагата вроди со плод -
Во пронаоѓањето на семејството на Реда учествуваа турската Црвена полумесечина и Интернационалниот кометет на Црвениот крст.
Целиот период на истрагата, за АА го раскажа Јасмина Пекер, лице од стручниот кадар на турската Црвена полумесечина, која изјави дека по нападот во Идлиб, 1.500 лица избегале во други подрачја на земјата.
Таа истакна дека голем број лица биле ранети или починале како последица на нападот.
„За жал, малечката Реда во овој напад ја загуби својата мајка. Бидејќи татко ѝ во исто време бил со останатите браќа и сестри, Реда во амбулантното возило останала сама и со голем број други деца и повредени возрасни лица беше префрлена на лекување во Турција. По заздравувањето, Реда беше земена под заштита на Министерството за семејство и социјална политика на Турција. Во исто време стапивме во контакт со Интернационалниот комитет на Црвениот крст и останатите локални и меѓународни невладини организации во Сирија за пронаоѓање на семејството на 2,5 годишната Реда”.
- Заврши копнежот -
Малечката Реда Али, која уште на најмлада возраст беше сведок на најболните моменти од војната, во која во еден напад ја загуби и својата мајка, со екипите на турската Цевена полумесечина тргна кон граничниот премин Јајладаги на турско-сириската граница за да се сретне со својот татко.
Таткото Али Мухамед, сѐ додека екипата на турската Црвена полумесечина не стапила во контакт со него, не ја знаел судбината на својата 2,5 годишна ќерка. Кога дознал дека е жива и здрава, заедно со екипите на Интернационалниот комитет на Цевениот крст со чувство на огромна возбуда пристигнал на граничниот премин.
По речиси шестмесечен копнеж по своето дете, единствена пречка меѓу таткото и ќерката беше железната капија на турско-сириската граница.
Откако турските официјални претставници ја донесоа малечката Реда на границата, по отворањето на капијата, таткото Али со очи полни солзи силно го прегрна девојчето и во ист момент преживуваше и тага и радост. На Реда ѝ соопшти дека нејзините четири браќа и сестри со нетрпение ја очекуваат, а дека нејзината мајка повеќе не е меѓу живите.
Али Мухамед им изрази благодарност на сите кои го овозможија нејзиното лекување и кои помогнаа да ја пронајде својата ќерка.
„Господ да ве благослови. Нѐ споивте повторно. Шест месеци немав никакви информации за мојата ќерка, бев речиси на крајот од силите”. Малечката Реда која турската граница ја мина во прегратка на татко си, на сириската страна ја чекаа нејзините браќа и сестри.