Burak Bir
10 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Делегациите на Турција и Русија денес ќе се состанат по втор пат по седницата овој викенд во турскиот главен град Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според дипломатски извори, турската и руската делегација ќе одржат состанок напладне и треба да дискутираат за ескалирањето на ситуацијата во деескалациската зона Идлиб во северозападна Сирија.
Делегациите на тричасовниот состанок во саботата дискутираа за чекорите за зајакнување на политичкиот процес во земјата разорена од војна, при што нагласија дека е потребно да се обезбеди траен мир. Тие одлучија да ги продолжат разговорите во претстојните недели.
Заменик-министерот за надворешни работи, Седат Онал, претседаваше со турската делегација, со претставниците од националното Министерство за одбрана, Генералштабот и Националната организација за разузнавање.
Руската делегација со која претседава заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Вершинин, и специјалниот пратеник за Сирија, Александар Лаврентиев - се состои од претставници од воените и разузнавачки кругови.
На 3 февруари, во напад на режимот на Асад во Идлиб загинаа седум турски војници и еден цивил што работи со турската Војска, а беа повредени над десетици лица.
Како одговор на тоа, Турските вооружени сили извршија напад над 50 цели во кои загинаа 76 сириски војници.
Северозападната сириска област Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година до овој момент од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.