Rıyaz Khalıq
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Меѓународната организација „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) денес објави дека новинар, кој известувал за избивањето на смртоносниот коронавирус во Кина, „исчезнал“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Новинарот, идентификуван како Чен Чјиуши, присилно е ставен во карантин“, наведува „Амнести интернешнал“ во објава на Твитер.
Додаваат дека Чен известувал за избивањето на смртоносниот коронавирус - што за првпат се појави во кинескиот град Вухан, од кој во земјата починаа најмалку 909 лица. Едно лице почина на Филипините.
„Кина не смее да го користи карантинот како политичка алатка за цензурирање на известувањата за коронавирусот. Доколку Чен Чјиуши е во карантин, властите мора веднаш да откријат каде се наоѓа тој“, објави „Амнести интернешнал“.
Кинеските здравствени власти во неделата соопштија дека во земјата се пријавени 40.171 случај со коронавирусот, а дека во последните 24 часа починале 97 лица. Забележани се 3.000 нови случаи.
„Пријателите и медиумите не беа во можност да го најдат во полициските станици или во болниците во Вухан“, рече Вилијам Ни, аналитичар од „Амнести“ со седиште во Хонгконг, во објавата на Твитер.
Се смета дека вирусот се пренел на луѓето од животни, особено од лилјаците.
Освен во Кина, вирусот се прошири во над 20 земји во светот, меѓу кои и САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу земји ги евакуираа своите граѓани од градот Вухан - епицентарот на вирусот - и од други погодени области во Кина, сместувајќи ги во изолирани медицински услови.
Светската здравствена организација (WHO) ја прогласи појавата на коронавирусот за меѓународна здравствена опасност.