Elena Teslova
24 Декември 2022•Ажурирај: 25 Декември 2022
КИЕВ (АА) - Киев ќе добие нов пакет воена помош во износ од 2,2 милијарди долари од Соединетите Американски Држави (САД) и очекува американскиот Конгрес да одобри уште еден пакет од речиси 45 милијарди долари, истакна украинскиот премиер Денис Шмихал, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дел од пакетот се новите системи ХИМАРС, а дел се системите за противвоздушна одбрана Патриот“, напиша Шмихал на Телеграм.
„Пакетот од 45 милијарди долари ќе вклучува воена, економска и хуманитарна помош“, соопшти Шмихал, нагласувајќи дека таа е вклучена во федералниот буџет на САД за 2023 година.
„Сенатот веќе гласаше за овој нацрт. Сега одлуката е на Претставничкиот дом“, рече тој.
Шмихал истакна дека Украина примила над 200 пратки опрема за енергетските потреби, и дека ЕУ ветила дека ќе испорача и 900 генератори.
Украинскиот премиер рече дека 500.000 генератори биле донесени во Украина во 2022 година од компании и луѓе, и нагласи дека „партнерите“ ѝ даваат на Украина големи сетови генератори што можат да ги напојуваат важните објекти.
Шмихал соопшти дека имал телефонски разговор со јужнокорејскиот премиер Хан Дак-су, на кој му се заблагодарил за „конзистентната поддршка на Украина, со обезбедувањето хуманитарна и воена помош“.
„Очекуваме проширување на количината на помош од Јужна Кореја во однос на опрема за поправка на енергетската инфраструктура“, рече тој, додавајќи дека со јужнокорејскиот премиер се разговарало и за учеството на корејските компании во обнова на Украина во повоениот период.
„Ние сме благодарни на Владата и на народот на Република Кореја за нивниот придонес за безбедноста на Украинците и за нашата победа“, истакна Шмихал.