Elena Teslova
21 Јануари 2023•Ажурирај: 23 Јануари 2023
МОСКВА (АА) - Украинските војници ќе започнат со обука за тенковите Леопард 2 од германско производство, соопшти денес украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Правиме важен чекор, добивме можност, земјите што го поседуваат Леопард ќе започнат со мисии за обука, курсеви за нашите тенковски единици“, рече Резников во интервју за украинскиот сервис на „Глас на Америка“.
Ова беше „почетна точка за придвижување понатаму“, рече Резников, и додаде дека во меѓувреме, Германија добива време „смирено да донесе одлука“ за испраќање на тенковите откако ќе заврши со консултациите.
„Јас сум оптимист за ова бидејќи првиот чекор е направен, ќе започнеме со програми на обука за Леопард за украинските трупи“, рече тој.
Украинскиот министер за одбрана истакна дека договорот за обука е постигнат благодарение на Полска и Велика Британија.
Сојузниците на Украина вчера (петок) ветија дополнителна воена поддршка, но не успеаја да донесат одлука за испраќање на борбените тенкови во земјата за време на состанокот на високо ниво во Воздухопловната база Рамштајн во Германија.