Ekipa
02 Март 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
ИДЛИБ (АА) - Умерената опозиција повторно воспостави контрола над уште три села кај сириски Идлиб и воспостави контрола врз стратешкиот регион Џебел Завије, јавува Агенција Анадолија (АА).
Умерената опозиција синоќа повторно воспостави контрола врз селата Хазарин, Кефермус и Дарул Кебире, во јужниот дел на Идлиб, како резултат на интензивните судири со војската на режимот на Асад и странските терористички групи кои ги поддржува Иран.
На тој начин подрачјето Џебел Завије е исчистено од режимските сили. Припадниците на умерената опозиција во изминатите три дена повторно воспоставија контрола врз 12 села во деескалациската зона Идлиб.
Во тек се жестоки борби во јужниот дел на Идлиб, околината на Хама и западниот дел на Алепо. Судирите има и во Серакиб, каде што од изутрина напади изведуваат руските воени авиони.
Турските вооружени сили и умерената опозиција, во рамките на „Пролетен штит“ започнаа операција кон подрачјата јужно од Идлиб и на периферијата на Хама, која ја зазедоа режимот на Асад и сојузниците.
Со артилериската поддршка на турските сили, силите на умерената сириска опозиција напредуваат во борбата против силите на режимот на Асад. Режимските сили претрпеа големи загуби.
Умерената опозиција воспостави контрола врз селата Анкави, Кахира, Манавра и Тел Зајрен, на периферијата на Хама и Халубе, Кукфин, Кефер Авид, Сфухен и Фатере, во јужниот дел на Идлиб.
Интензивните судири меѓу режимските сили, кои се состојат од војската на режимот на Асад и странските терористички групи кои ги поддржува Иран, и понатаму траат.
Турските сили започнаа операција во Идлиб како одговор на нападот кој силите на Асад на 27 февруари го извршија врз позиции на турската војска во тој регион.
Идлиб е најголемо упориште на сириската опозиција, каде што во моментот се наоѓаат речиси 4 милиони жители. Тоа е двојно поголема популација од онаа што ја имаше пред почетокот на војната во Сирија.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра.
Меѓутоа, режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и тоа во регионите на самата сириско-турска граница.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Согласно Договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо продолжија со артилериските и воздушните напади во кои досега се убиени повеќе од 1.800 цивили.
Од јануари 2019 година од Идлиб во регионите на сириско-турската граница побегнаа повеќе од 1.677.000 цивили.