Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ
Уметникот Мухамед Саид во областа Идлиб, во Сирија, со песочни зрнца ги опишува страдањата на лицата што се засолниле во камповите поради Граѓанската војна која продолжува.
Саид во разговор за Агенција Анадолија (АА) рече дека морал да емигрира од областа Маарат ел Нуман пред 15 месеци.

Истакнувајќи дека во Идлиб се решил да ги подобри своите сликарски способности, Саид истакна дека уметноста со песок ја научил гледајќи видеа на платформата Јутуб.
Саид исто така рече дека околу една година во песок ги обликува нападите на режимот на Асад и неговите приврзаници, уривањето на куќите и борбата за живот на цивилите што се засолнети во импровизираните шатори.

„Исто така, со песок ја покажувам миграцијата на невините луѓе и страдањата на жителите во камповите во студените зимски месеци“, нагласи Саид.
Меѓу другото, Саид додаде дека неговата цел е да ги пренесе болките, стравовите и животот на Сиријците во шаторите.
„Во едно обликување што го направив на песок, покажувам како режимските авиони доаѓаат над едно маало во Сирија. Го уништуваат маалото. Ги убиваат цивилите“, рече уметникот Саид.

- Ситуацијата во Идлиб
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација.
Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и за воспоставување деескалациска зона.
Турција во септември 2018 година во Сочи заедно со Русија се договорија за зајакнување на Договорот за прекин на огнот.
Русија и режимските сили започнаа операции за заземање на целиот регион во мај 2019 година и зазедоа неколку големи населби во деескалациската зона во Идлиб.
Конечно, во Москва на 5 март 2020 година беше постигнат нов договор меѓу Турција и Русија.
Примирјето, што режимските сили повремено го кршеа, во голема мера се применува.
Во периодот 2017 - 2020 година, речиси 2 милиони цивили беа принудени да мигрираат во регионите близу до границата со Турција поради нападите на режимските сили и Русија.