Kemal Zorlak
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
САРАЕВО
Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина, на повторените избори за градоначалник на Градот Добој победи Борис Јериниќ, кандидатот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), со освоени 67,44 отсто гласови. Во Сребреница победи кандидатот на Коалицијата „Заедно за Сребреница“, Младен Грујичиќ, кој освои 67,62 отсто од гласовите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вчера се одржани повторени избори за градоначалник на Градот Добој и Собранието на Град Добој на 89 гласачки места и за градоначалник на Општината Сребреница и Собранието на Општина Сребреница на 28 гласачки места (26 редовни гласачки места и две гласачки места за гласање на гласачи во отсуство во Градачац и Живинице).
Според прелиминарните резултати на ЦИК на БиХ, во трката за градоначалник на Добој убедливо победи кандидатот на СНСД, Борис Јериниќ, освојувајќи 19.908 гласови (67,46 отсто).
Кандидатот на Српската демократска странка (СДС), Цвијан Филиповиќ, освои 4.815 гласови (16,32 отсто), а Срѓан Тодоровиќ во името на Социјалистичката партија доби 4.787 гласови (16,22 отсто).
На изборите за градоначалник на Сребреница, што пробосанските политички партии ги бојкотираа, победи кандидатот на Коалицијата „Заедно за Сребреница“, Младен Грујичиќ, кој освои 5.189 (67,62 отсто) гласови.
Многумина беа изненадени поради тоа што 2.433 (31,70 отсто) гласови освои кандидатот на Странка на демократска акција (СДА), Алија Табаковиќ, со оглед на бојкотот на изборите, но од ЦИК претходно потврдија дека во резултатите на изборите се вклучени и резултатите од редовните гласачки места, чии резултати не се поништени со одлука на ЦИК на БиХ.
Независниот кандидат во Сребреница, Миле Јањиќ, доби 28 гласови (0,36 отсто), а независниот кандидат Александар Симиќ 24 (0,31 отсто) гласови.
Одзивот на гласачите на повторените избори во Добој е 55,43 отсто, а во Сребреница 42,87 отсто. Наведениот одзив се однесува на 26 редовни гласачки места во Сребреница и на 89 гласачки места во Добој.
До повторување на изборите дојде откако Централната изборна комисија на БиХ ги поништи локалните избори во Добој и Сребреница, одржани во ноември 2020 година, поради утврдени бројни неправилности.
Повторените избори во Сребреница ги бојкотираа пробосанските партии собрани околу Иницијативата „Моја адреса: Сребреница“, укажувајќи така на проблемите во изборниот процес, особено на оние што се однесуваат на гласањето преку пошта. Претходно од Иницијативата го повикаа бошњачкиот народ да ги бојкотира повторените избори.