Aşkın Kıyağan
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ВИЕНА (АА) - Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, соопшти дека напаѓачот, кој вчера беше убиен во терористичкиот напад во Виена, бил 20-годишно машко лице со потекло од Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Нехамер сподели информации за идентитетот на терористот кој беше убиен од полициските сили во терористичкиот напад во Виена, во кој загинаа 4 лица.
Наведувајќи дека терористот бил ориентиран кон ДЕАШ, Нехамер рече: „Терористот, кој беше неутрализиран од полициските сили, е 20-годишен маж со потекло од Северна Македонија. Напаѓачот претходно беше уапсен при обид да замине во Сирија за да се приклучи на терористичката организација ДЕАШ. Тој на 25 април 2019 година беше осуден на затворска казна од 22 месеца. Минатиот декември беше ослободен условно.“
Нехамер, исто така, нагласи дека како дел од истрагата за терористот, во Виена и Санкт Пелтен биле пребарани околу 17 домови и дека има приведено многу луѓе.
Истакнувајќи дека терористот носел пушка, пиштол и меч, Нехамер рече дека лицето поставило лажна експлозивна направа на неговата облека.
- „Нашите непријатели се екстремизмот и терористите“ -
Австрискиот премиер, Себастијан Курц, на прес-конференцијата за терористичкиот напад истакна дека нападот е одраз на омраза кон основните вредности на Европа, демократијата и моделот на живеење.
Премиерот Курц, наведувајќи дека основните права и слободи ќе бидат заштитени на секој начин, рече дека на терористите нема да им биде дозволено да го поделат општеството.
Курц истакна дека 4 невини цивили ги загубиле своите животи во нападот, а 14 лица се лекуваат во болница, од кои голем број со сериозни повреди, и дека меѓу повредените се наоѓа и еден полицаец.
„Нашите непријатели се екстремизмот и терористите. Ова не е конфликт меѓу муслиманите и христијаните, туку борба помеѓу цивилизацијата и варварството“, додаде премиерот Курц.
Во терористичкиот напад што се случи синоќа во Австрија загинаа 4 лица, а еден од напаѓачите беше неутрализиран. Во нападот беа повредени 14 лица, поголемиот број со сериозни повреди.