Nur Asena Ertürk
11 Јануари 2023•Ажурирај: 12 Јануари 2023
ПАРИЗ (АА) - Напаѓачот, кој денеска рани шест лица со нож на најфреквентната железничка станица во Париз, е во критична состојба и сѐ уште не е идентификуван, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Осомничениот со нож нападна неколку лица на Железничката станица „Гаре ду Норд“, при што рани шест од нив, меѓу кои и еден полицаец“, потврди францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, по обиколката на местото на настанот.
Тој додаде дека двајца полицајци испукале три истрели и успеале да го неутрализираат осомничениот.
Дарманин истакна дека напаѓачот е во критична состојба, дека со себе не носел документ за идентификација и дека наскоро ќе биде идентификуван.
Тој изјави дека обвинителите во Париз започнале истрага за нападот.
Дарманин им се заблагодари и на полициските службеници за брзата реакција, на безбедносните службеници на железничката компанија СНЦФ и на случајните минувачи.
Засега не се познати причината и мотивот за нападот.
„Гаре ду Норд“ не е само најфреквентната железничка станица во Париз, туку и во Европа, а во 2021 година низ неа поминале 292 милиони патници, покажуваат податоците на СНЦФ.