Necva Taştan Sevinç,İlayda Çakırtekin
07 Август 2025•Ажурирај: 07 Август 2025
Најмалку едно лице загина, а 13 се повредени откако јужниот француски департман Од го зафати „најголемиот пожар летово“, при што повеќе од 16.000 хектари вегетација се уништени, јавува Анадолу.
Департманот Од синоќа соопшти дека пожарот зафатил над 16.000 хектари за 24 часа и дека е надвор од контрола откако избувнал во вторникот.
Речиси 2.100 пожарникари се распоредени за да ги локализираат пламените јазици во 15 општини.
Властите потврдија дека едно лице загинало, а 13 се повредени, од кои двајца се во критична состојба. Три лица сѐ уште се водат за исчезнати.
Кристијан Пуже, челникот на Од, рече дека пожарот „сè уште не е локализиран“, но „веќе не напредува“.
Сепак, тој предупреди дека ситуацијата останува нестабилна. „Битката сè уште не е завршена. Пожарот би можел повторно уште повеќе да се разгори“, рече тој.
Ресурси се испратени од целата земја за поддршка на операциите.
Пуже истакна дека се погодени приближно 900 хектари лозја и земјоделско земјиште.
Властите објавија дека речиси 2.000 жители сè уште не можат да се вратат во своите домови.
Во Арената во Нарбон е формирана медицинско-психолошка итна единица за поддршка на жителите трауматизирани од пожарот, објави „Ла Депеш“.
„Се надеваме дека пожарот ќе биде изгасен многу брзо“, рече францускиот премиер Франсоа Бајру.
„Долгата секвенца на глобално затоплување што ја доживуваме бара да го промениме нашиот начин на живот“, додаде тој.
Пожарникарите се надеваат дека ќе можат да го локализираат пожарот до крајот на денот, бидејќи неговата брзина на ширење почнува да се забавува, јави БФМ ТВ (BFM TV).
Метео-франс објави сателитски снимки на кои се гледа облак од чад над јужна Франција, видлив дури и од вселената.
Агенцијата предупреди дека ризикот од пожари ќе остане висок во неколку јужни департмани во следните два дена.