Alaattin Doğru
30 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
ПАРИЗ (АА) – Пратеничката на Франција, Ени Шапелер, за време на дебатите за Нацрт-законот познат како „сепаратистички“ во Националното собрание, реагирајќи на „забраната службениците во избирачките одбори да носат верски симболи“, запраша зошто [во Франција] на нишан се жените со марами, а не некои други работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Демократското движење „МоДем“, кое е коалиционен партнер во Владата, за Нацрт-законот „Принципи за зајакнување на почитувањето на законите на Републиката“ предложи член „забрана за носење верски симболи на избирачките одбори“.
Предложениот член предизвика расправии во Собранието.
Шапелер, членка на групата „Дејствување заедно“ (Agir Ensemble), земајќи збор на дискусиите за предлогот, потсети дека само 25 проценти од гласачите излегле на гласање и дека некои гласачки места очајно бараат службеници за избирачките одбори.
Наведувајќи дека Владата развила теории за да им забрани на луѓето кои ја вршат својата граѓанска должност, да бидат присутни на избирачките одбори, Шапелер рече:
„Навистина не разбирам, зошто [во Франција] на нишан се жените со марами, а не некои други работи. Пред да се интервенира за жените кои носат марами на избирачките одбори, зошто на мажите кои носеа кипа не им се кажуваше ништо?“
Истакнувајќи дека да се биде службеник на избирачки одбор треба да се биде подеднакво отворен за секого, Шапелер рече: „Не измислувајте лажни изговори за напаѓање и обвинување на жените со марами кои не сакате да ги прифатите.“
- Предлогот е одбиен -
По два часа дебата во Парламентот, предлогот беше одбиен.
Во Франција, земјата со најголемо муслиманско население во Европа, во Сенатот на 13 февруари беше прифатен Нацрт-законот на кој беа додадени членовите со кои се предвидува забраната мајките да ги придружуваат учениците на училишни патувања, девојчиња на возраст под 18 години да носат марами на јавни места и да носат марами на официјални спортски натпревари.
На 28 јуни во Националното собрание по вторпат започнаа дискусиите за Нацрт-законот.
Предлог-законот беше критикуван од меѓународната заедница и невладините организации, особено од Обединетите нации, со образложение дека ги таргетира и маргинализира муслиманите.
Од објавувањето на Нацрт-законот, нападите врз џамиите и месџидите во земјата се зголемија. Некои џамии беа опожарени, а на некои ѕидови на џамиите беа напишани исламофобски написи.
- Претседателка на избирачки одбор отпуштена поради марамата -
Рашида Кабури, муслиманска пратеничка од партијата Европска екологија-зелена (EELV) во градот Витри-Сир-Сен во регионот Ил-де-Фран, во првиот круг на регионалните покраински избори одржани на 20 јуни поради марамата беше разрешена од функцијата „претседател на избирачки одбор“ и назначена како „член на избирачки одбор“.
Кабури во изјавата за француските медиуми рече дека се чувствува исклучена и дека ѝ е направена неправда поради која е дојдена во ситуација да заплаче.