Esat Fırat,Turgut Alp Boyraz
06 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
ГАЗА (AA) – Шефот на Одделот за национални односи и член на Политичкото биро при Хамас, Хусам Бердан, говорејќи за потенцијален договор со Израел, изјави дека постои голема можност за укинување на блокадата на Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставници на Хамас, Исламското џихадско движење, Народниот фронт за ослободување на Палестина, Демократскиот фронт за ослободување на Палестина и други групи се состанаа во Појасот Газа да разговараат за деталите за можен договор со Израел.
Бедран пред состанокот изјави дека постои можност за укинување на блокадата на Газа која се применува од 2006 година, но порача и дека Хамас, без одобрување на другите палестински групи, нема да може да постигне потенцијален договор со Израел.
Тој се осврна и на „договорот на векот“ кој американскиот претседател Доналд Трамп наскоро би требало да го соопшти, истакнувајќи дека нема да го прифатат.
„Не можеме да прифатиме основање палестинска држава во Газа без Западен Брег. Исто така, не можеме да се согласиме на палестинска држава на Западен брег без Газа“ додаде Бедран.
Членот на Политичкото биро на Хамас и поранешен министер за надворешни работи на Палестина во Газа, Гази Хамад, пред состанокот во Газа, изјави дека ќе биде разговарано за деталите за потенцијален договор со Израел.
Хамад не ги откри деталите од договорот.
Од друга страна, претставниците на движењето Фатах дојдоа на локацијата каде што се одржуваше состанокот, се поздравија со претставниците на другите групи, но не присуствуваа на средбата.
Претходно и Кабинетот за безбедност на Израел најави состанок со Хамас на кој ќе разговараат за потенцијален договор.