свет

Хамас ја повтори посветеноста на соработката во напорите за прекин на огнот во Газа

Договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел стапи на сила рано утринава за да се стави крај на над 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах

Rania R.a. Abushamala  | 27.11.2024 - Обновена : 27.11.2024
Хамас ја повтори посветеноста на соработката во напорите за прекин на огнот во Газа

ГАЗА (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас денес соопшти дека е посветена на сите напори за прекин на огнот што обезбедуваат крај на тековниот напад од Израел, повлекување на војниците и враќање на раселените цивили во нивните области, јавува Анадолу.

Договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел стапи на сила рано утринава за да се стави крај на над 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах.

„Ние сме посветени на прекинување на (израелската) агресија врз нашиот народ во договорената национална рамка за запирање на нападот врз Газа, кој вклучува прекин на огнот, повлекување на окупациските сили, враќање на раселените луѓе и завршување на вистински и сеопфатен договор за размена на заложници“, се вели во соопштението на Хамас.

Прифаќањето на израелскиот договор за прекин на огнот со Либан без да ги постигне неговите услови Хамас го нарече „значајна пресвртница во разбивањето на илузиите на (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху за прекројување на мапата на Блискиот Исток со сила, како и неговите заблуди за поразување на силите на отпорот или нивно разоружување“.

Хамас ја пофали клучната улога на Хезболах „во поддршката на Газа и палестинскиот отпор, како и големите жртви направени од Хезболах и неговото раководство“.

Нетанјаху вчера во снименото обраќање, во кое ги оправдува причините за согласување за прекин на огнот со Либан, тврдеше дека тоа има цел да ја постигне целта „одвојување на фронтовите и изолирање на Хамас“.

Хамас ги повика арапските и исламските земји „сериозно и силно да извршат притисок врз Вашингтон и Израел да престанат со својата брутална агресија врз нашиот палестински народ и да стават крај на тековниот геноцид во Појасот Газа“.

Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар досега не успеаја да постигнат договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници, но Вашингтон тврди дека израелското убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, на 16 октомври може да доведе до пробив во разговорите.

Меѓутоа, Хамас вели дека конфликтот ќе заврши само кога Израел ќе ја прекине својата воена кампања во блокираната енклава, во која се убиени речиси 44.300 луѓе од октомври 2023 година.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) минатиот четврток издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговата брутална војна против Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.