Dmitri Chirciu
01 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
ЛАВОВ (АА) - Холивудската актерка Анџелина Џоли ја посети со војна зафатената Украина, според фотографиите споделени на социјалните мрежи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џоли, која е специјален пратеник на Високиот комесаријат на ОН за бегалци - Агенција на ОН формирана да им помага и да ги заштити бегалците - беше видена во посета на градот Лавов.
Таа посетила кафуле во градот и се фотографирала со присутните таму.
Антон Герашченко, советник во Министерството за внатрешни работи на Украина, исто така сподели фотографии и видеа на Твитер и напиша: „Анџелина Џоли во Лавов. Таа е во посета на Украина со хуманитарна мисија како специјален пратеник на ОН за бегалци.“
Џоли, движејќи се по градските улици, во еден момент е видена како трча за да се засолни на безбедно место кога се огласиле сирените за предупредување од бомбардирање и воздушни напади.
Најмалку 2.899 цивили загинаа, а 3.235 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН.
Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 5,4 милиони луѓе пребегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци при ОН.