Handan Kazancı
01 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Руски извидувачки авион вчера го нарушил шведскиот воздушен простор, објави шведската државна телевизија СВТ (SVT), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во објавата се тврди дека руски авион го нарушил шведскиот воздушен простор во округот Блекинге на јужниот брег на Шведска.
Шведски борбени авиони го фотографирале авионот, се вели во веста цитирајќи шведски воени претставници.
Авионот бил во шведскиот воздушен простор краток период, додала Армијата.
Шведскиот министер за одбрана, Петер Хултквист, го опиша инцидентот како „неприфатлив“, објави СВТ.
Минатиот месец Шведските воздухопловни сили известија дека четири руски воени авиони го нарушиле шведскиот воздушен простор летајќи над островот Готланд.
Шведското Министерство за одбрана во јануари објави дека ги зголемува своите активности на островот Готланд во Балтичкото Море поради зголемената тензија меѓу НАТО и Русија во однос на Украина.
Најмалку 2.899 цивили загинаа, а 3.235 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН.
Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 5,4 милиони луѓе пребегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци при ОН.