Ahmed Asmar
03 Април 2025•Ажурирај: 03 Април 2025
АНКАРА (АА) – Јеменските Хуси денес јавија дека собориле уште едно американско беспилотно летало во Западен Јемен, додека Вашингтон ги ескалира воздушните напади врз земјата, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Хусите се вели дека ракета земја-воздух соборила беспилотно летало MQ-9 додека изведувало „непријателски“ мисии над крајбрежната покраина Ал-Худејда.
Според соопштението, беспилотното летало е второ пресретнато во последните 72 часа и седумнаесетто од октомври 2023 година.
Нема непосреден коментар на САД за тврдењето на Хусите.
Според Министерството за здравство управувано од Хусите, од 15 март убиени се најмалку 61 цивил, а 139 се повредени во американските воздушни напади низ Јемен.
Минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил „одлучна и моќна воена акција“ против Хусите, а подоцна се закани дека „целосно ќе ги уништи“.
Хусите ги гаѓаа бродовите што минуваат низ Црвеното и Арапското Море, теснецот Баб ал-Мандаб и Аденскиот Залив од ноември 2023 година во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, каде што во брутална израелска офанзива убиени се над 50.400 Палестинци.
Хусите ги прекинаа нападите кога беше прогласен прекин на огнот во Газа во јануари меѓу Израел и палестинската група Хамас, но ги продолжија по обновените израелски воздушни напади врз Газа минатиот месец.