Ali Abo Rezeg
16 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
РИЈАД (АА) - Бунтовниците Хуси во Јемен денеска ја презедоа одговорноста за нападот со беспилотни летала врз две нафтени постројки на саудиската компанија „Арамко“ (Aramco) во источниот дел на Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението пренесено преку телевизискиот канал на Хусите, воениот портпарол на бунтовниците, Јахја Сареи, ги предупреди странските компании и работници да се држат подалеку од објектите на „Арамко“, бидејќи можат да бидат повторно нападнати.
Во саботата, вооружени беспилотни летала изведоа напад на два нафтени погона на саудиската државна нафтена компанија „Арамко“.
Портпаролот нагласува дека „нападите на нафтените погони во подрачјето на Абкаик и Хураис се изведени со различен вид беспилотни летала со нов млазен мотор, како и со вообичаениот тип летала“.
„Единствената опција на саудиските власти е да престанат да нѐ напаѓаат“, додава Сареи.
Од 2015 година, коалицијата предводена од Саудиска Арабија изведува напади против Хусите поддржани од Иран во Јемен. Убиени се илјадници Јеменци, а земјата е доведена на работ на гладот.
Хусите, чии ракети со среден и долг дострел обично се пресретнувани од саудискиот одбранбен систем, во последните месеци напаѓаат одредени стратешки делови од Саудиска Арабија со вооружени дронови.
Американската администрација обвини дека Иран ги наредил нападите, додека Саудиска Арабија ги чека резултатите од истрагата.
Неколку земји од светот ги осудија нападите, меѓу кои Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Турција.