Faruk Zorlu
26 Јануари 2023•Ажурирај: 28 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека следнaта трипартитна средба закажана за февруари со Шведска и Финска за нивните кандидатури за НАТО е одложена поради „актуелното политичко опкружување“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во вакво опкружување, средбата што ќе се одржи во рамките на Трипартитниот меморандум од јуни 2022 година потпишан од страна на Туркије, Финска и Шведска е бесмислена“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот српски колега Ивица Дачиќ, осврнувајќи се на зголемениот број случаи кога Шведска не ги исполнила своите обврски од договорот.
„Целта на овој механизам е да се види кои услови од Меморандумот се исполнети или не. Но, ова беше одложено бидејќи немаше да биде здрава средба, оти околностите во оваа ситуација ќе ја засенеа“, рече тој.
Првиот состанок на Постојаниот заеднички механизам формиран според Меморандумот се одржа на 26 август 2022 година во Ванта, Финска, додека вториот состанок, на 26 ноември 2022 година во Стокхолм.
„Значи, ниту од тоа нема никаква корист“, рече тој, додавајќи дека Шведска не презела сериозни чекори за спроведување на Меморандумот.
„Шведска мора да избере или „да ја деминира“ својата рута до влезот во НАТО или „да ги нагази тие мини и да ги крене во воздух“ своите шанси“, нагласи Чавушоглу.
Во врска со неодамнешното сквернавење на Куранот, тој рече: „Подмолниот напад во Шведска е расистички и нема никаква врска со слободата на мислата“, додавајќи: „Шведската Влада учествуваше во ова злосторство со тоа што дозволи да се случи ваков подмолен акт.“
На 21 јануари, Расмус Палудан, екстремно десничарски шведско-дански политичар, запали примерок од Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм, под полициска заштита и со дозвола од властите, предизвикувајќи бран осуди од целиот арапски и исламски свет.
Следниот ден, Едвин Вагенсвелд, екстремно десничарски холандски политичар и водач на исламофобната група Пегида, искина страници од примерок на Куранот во Хаг. Видеото на Вагенсвелд на Твитер кое беше објавено, покажа дека тој ги запалил искинатите страници на светата книга во тава.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатиот мај, напуштајќи го децениското воено неврзување, одлука поттикната од руската војна против Украина, што започна на 24 февруари 2022 година.
Но, Туркије - членка на НАТО повеќе од 70 години - изрази приговори, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации, вклучително и ПКК и ФЕТО.
Туркије и двете нордиски земји во јуни минатата година потпишаа Меморандум на Самитот на НАТО за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за нивно членство во Алијансата.
Во Меморандумот Шведска и Финска се согласија да не даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД и ФЕТО, да ги спречат сите активности на терористичките организации, да извршат екстрадиција на осомничените за тероризам, да воведат ново законодавство за казнување на терористичките злосторства и да не воведуваат ембарго на националното оружје меѓу трите земји.