Zehra Nur Düz,Merve Berker
13 Јуни 2022•Ажурирај: 14 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије (Турција), Мевлут Чавушоглу, денес ја повтори поддршката на неговата земја за решение за две држави во Кипар, нагласувајќи ја потребата од започнување разговори меѓу двете страни како рамноправни суверени држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку има преговори за кипарското прашање, тоа ќе биде меѓу две држави, а не две заедници“, рече Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција во главниот град Лефкоса по состанокот со Ерсин Татар, претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
За источното оградено крајбрежно подрачје на Марас, Чавушоглу рече дека администрацијата на кипарските Грци сака да го врати градот под своја контрола, „но тој му припаѓа на Северен Кипар“.
Марас, или на грчки Вароша, практично стана град на духови бидејќи остана отсечен од светот цели 47 години. Дел од регионот - само околу 3,5 отсто од неговата вкупна површина - беше повторно отворен во октомври 2020 година.
Марас беше напуштен по резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 1984 година, според која само оригиналните жители можат да се преселат во градот.
Влезот беше забранет освен за персоналот на турската Армија стациониран во ТРСК.
Турските власти и властите на ТРСК постојано ги повикуваа кипарските Грци и другите граѓани кои поседуваат имот во Марас да поднесат барање до Комисијата за недвижен имот.
Чавушоглу рече дека Грција „се вклучува во демагогија и нечесна реторика“, додавајќи дека се покажала неспособна да даде правен одговор наспроти ставот на Анкара.
Тој, исто така, нагласи дека чекорите што Турција и ТРСК ги презеле за Марас не го прекршуваат меѓународното право.
Чавушоглу денес се состана и со неговиот колега Тахсин Ертугрулоглу и се очекува да разговара со други високи претставници за време на неговата посета.
Претседателот Татар, од своја страна, ги осуди неодамнешните обиди на Грција да ги милитаризира островите во Егејското Море, западно од Турција, кои имаат невоен статус според меѓународните договори, велејќи дека со „загриженост“ ги следи неодамнешните случувања по ова прашање.
„Соработката меѓу ТРСК и Турција е од најголема важност за одржување на рамнотежата во Источниот Медитеран“, рече Татар.
Зборувајќи за тековните напори за решавање на кипарското прашање, Татар додаде дека предлозите од страна на кипарските Грци кои „ќе го намалат суверенитетот на ТРСК и ќе го ограничат нејзиниот авторитет се ништовни“.
- Децениски спор
Кипар е заглавен во повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај низата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклавите заради нивна безбедност.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци, чија цел беше анексија кон?на Грција, доведе до воена интервенција на Туркије како гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, ТРСК е основана во 1983 година.
Во последниве години имаше постојан мировен процес, вклучувајќи ја и неуспешната иницијатива во 2017 година во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Туркије, Грција и ОК.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во ЕУ во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на ОН на Анан за ставање крај на долгогодишниот спор.