свет

Четворица загинати во експлозија на цистерна со гас во Нигерија

„Цистерната падна врз мојот автомобил и го оттурна од патот. Брзо истрчав кога го видов гасот, а цистерната експлодира за помалку од три минути“

Ekip  | 12.03.2025 - Обновена : 13.03.2025
Четворица загинати во експлозија на цистерна со гас во Нигерија

ЛАГОС (АА) - Бројот на загинати од експлозијата на камион-цистерна што превезувал компримиран природен гас (CNG) во државата Лагос во Југозападна Нигерија утрово се зголеми на четворица, јавува Анадолу.

Во меѓувреме, официјални претставници соопштија дека бројот на загинати се зголемил од две на четири лица и дека нивните тела се однесени во мртовечница.

„Бројот на загинати сега е четири, а спасувачките напори продолжуваат. Има четири лица со тешки изгореници што се лекуваат во болница“, изјави Бенџамин Хундејин, портпарол на полициската команда на државата Лагос, за Анадолу.

Инцидентот се случи околу 20 часот синоќа под мостот Отедола, дел од главниот автопат што го поврзува Лагос со другите делови на земјата.

Камионот, наводно, вртел за да испорача компресиран природен гас на блиската бензинска станица блиску до мостот кога паднал настрана.

Многумина сведоци ја опишаа сцената како хаотична, а пламените јазици зафатиле неколку возила и околни објекти.

Дописникот на Анадолу разговараше со луѓето што беа повредени во експлозијата.

„Цистерната падна врз мојот автомобил и го оттурна од патот. Брзо истрчав кога го видов гасот, а цистерната експлодира за помалку од три минути“, рече Аџаји Сегун, кој го загуби своето возило во експлозијата.

Во првичниот извештај Хундејин потврди дека четири објекти биле срамнети со земја, а 15 возила изгореле до пепел.

„Бројот на изгубени човечки животи сè уште не се знае бидејќи се извадени само две тела. Погодена е и приватна болница, а деталите за жртвите и понатаму се неизвесни. Спасувачката операција продолжува.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.