Burak Bir
01 Април 2026•Ажурирај: 02 Април 2026
ЛОНДОН (АА) – Швајцарија одби поголем дел од барањата на Соединетите Американски Држави (САД) за користење на нејзиниот воздушен простор за воени летови кон Иран, повикувајќи се на својата политика на неутралност, објавија медиумите денес, прнесува Анадолу.
Според швајцарската новинска агенција „Кистон-СДА“, во период меѓу 5 и 23 март, Федералната канцеларија за цивилно воздухопловство (FOCA) примила 11 барања од САД, од кои само четири биле одобрени, додека едно било повлечено.
Медиумите наведуваат дека најголем број барања биле поднесени на 13 март, кога биле регистрирани пет апликации за летови планирани за 15 март.
Едно барање од Обединетите Арапски Емирати исто така било одбиено.
Од почетокот на конфликтот со Иран, ФОКА одобрила само една третина од вкупно 12 барања поднесени од други држави за прелет над Швајцарија на пат кон Блискиот Исток.
Оваа одлука доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп ги критикува европските земји поради тоа што одбиваат да им дозволат пристап на американските воени авиони.
САД и Израел од 28 февруари извршуваат воздушни напади врз Иран, при што, според иранските власти, досега загинаа повеќе од 1.340 лица.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
Конфликтот, исто така, доведе до раст на цените на енергенсите и нарушување на транспортот низ Ормускиот Теснец, преку кој секојдневно поминуваат околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта.