Atila Altuntaş
18 Август 2018•Ажурирај: 19 Август 2018
СТОКХОЛМ (АА) - Откако Судот во Шведска пресуди во корист на муслиманката чиј разговор за вработување беше прекинат поради одбивањето да се ракува со службеник од верски причини, Фара Алхаџе добила стотици закани и вулгарни пораки со сексуална содржина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Муслиманката Фара Алхаџе аплицирала за работа во преведувачка компанија во градот Упсала, но нејзиниот разговор за работа бил прекинат откако одбила да се ракува со службеник во оваа компанија.
Кабинетот на Омбудсманот потоа овој случај го пренел на шведскиот Деловен суд, кој пресуди во корист на Фара Алхаџе. Во одлуката на Судот се наведува дека Алхаџе е дискриминирана, и дека поради тоа треба да ѝ биде исплатена парична отштета во вредност од 40.000 круни (околу 3.900 евра).
Откако се прошири оваа вест, Алхаџе за шведскиот јавен сервис SVT потврди дека на социјалните мрежи примила стотици расистички закани и пцости.
„Откако е објавена оваа вест започнаа да пристигнуваат заканувачки пораки и коментари. Примив и пораки со поддршка“, изјави Алхаџе.
Според нејзините зборови, некои ѝ напишале дека треба да се врати на Блискиот Исток откаде и дошла.
„Родена сум во Шведска и тука пораснав. Моментално не мислам да ги пријавам во полиција овие заканувачки пораки“, додаде Алхаџе.
Во одлуката на Судот, меѓу останатото е наведено дека Алхаџе имала право да одбие да се ракува со спротивниот пол, што се наведува во 9. точка на Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаментални слободи.
Алхаџе претходно за шведскиот јавен сервис SVT изјави дека е среќна поради одлуката на Судот.
„За време на разговорот за работа беше присутен еден маж. Му кажав дека сум муслиманка и дека од верски причини не можам да се ракувам. Наместо тоа, го поздравив со климање на главата. Во тој момент ми беше кажано дека разговорот е завршен и дека не ја добив работата“, истакна Алхаџе.
Таа додаде дека во истиот момент ја напуштила просторијата, влегла во лифт и почнала да плаче.
„Никогаш претходно не сум се соочила со ваква ситуација. Паричната отштета воопшто не е важна. Важно е дека постапив во согласност со моите права“, порача Алхаџе.