?kipa
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
КОПЕНХАГЕН (АА) - Лицето од Узбекистан, кое украде камион и прегази пешаци во Стокхолм, денес е осудено за убиство поврзано со тероризам и изречена му е доживотна казна затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Ракмат Акилов рече дека сакал да ја казни Шведска поради тоа што се придружила на коалицијата против терористичката организација ДЕАШ.
Тој во јануари беше обвинет за убиство и обид за убиство со камион кој се случи на 7 април 2017 година.
Акилов уби 5, а рани 14 лица, вклучувајќи и 11-годишно девојче.
Судијата Рагнар Палмквист рече дека Акилов (40) бил единствен осомничен за нападот. Обвинителот Ханс Ихрман, за време на судењето во Окружниот суд во Стокхолм, рече дека претставувал безбедносен ризик за општеството.
Обвинителството побара доживотна пресуда, додека адвокатот Јохан Ериксон изјави дека неговиот клиент соработувал во текот на истрагата и дека поради тоа треба да му се намали казната.
Палмквист рече дека тоа што Акилов соработувал за време на истрагата и го признал злосторството, немало никакви олеснувачки околности.
Во Шведска ова е најтешка казна и затворениците најчесто служат 18 години. Судот одлучи Акилов да биде протеран од Шведска откако ќе ја отслужи казната. Доби и забрана за враќање во земјата.
Откако ги прегази пешаците со камион во споменатата трговска улица и удри во големата продавница „Ахленс“ во централен Стокхолм, Акилов планирал и самиот да се разнесе. Во својата намера не успеал и предизвикал помала експлозија во камионот. Потоа се обидел да побегне со метро, но е уапсен неколку часа подоцна.
Акилов е прогласен за виновен за 5 убиства поврзани за тероризам, 119 обиди за убиство и 24 случаи на загрозување на туѓите животи.
Акилов е роден во Узбекистан и таму работел како градежник. Во Шведска дошол во 2014 година и побарал азил, тврдејќи дека му била загрозена безбедноста. Неговата молба му била одбиена и му било наредено да ја напушти Шведска во декември 2016 година, но наместо тоа останал во земјата, избегнувајќи ја полицијата која го барала.
Пред нападот на 6 април минатата година, Акилов се заколна на припадност на ДЕАШ. За време на судењето доказите покажаа дека Акилов користел 52 СИМ картички и социјалните мрежи за да ги извести другите за своите активности.Тој рече дека им предложил на членовите на ДЕАШ напад во Стокхолм во нивно име. Не е јасно дали групата ја прифатила неговата понуда.