Muhammet Emin Avundukluoğlu
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
АНКАРА
Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, изјави дека Турција одблизу и со тага ги следи случувањата во Казахстан, каде што народот протестира поради порастот на цените на течниот нафтен гас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Веруваме дека Казахстан и братскиот казахстански народ ќе ги надминат овие тешки денови со здрав разум и брзо ќе постигнат мир и стабилност. Турција е секогаш на страната на Казахстан“, напиша Шентоп на Твитер.
На 2 јануари избувнаа протести во оваа централноазиска земја поради зголемувањето на цените на течниот нафтен гас (ТНГ) во градот богат со нафта, Жанаозен во западниот регион Мангистау.
Демонстрациите се проширија и во други области, добивајќи облик на јавни демонстрации низ целата земја.
За да се обезбеди јавна безбедност, прогласена е вонредна состојба во трговскиот главен град Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта. Претседателот Касим Јомарт Токаев, исто така, ја одобри оставката на Владата.
Тој побара помош од воениот сојуз предводен од Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO), при што се согласија да испратат неодреден број мировници.