Шефицата за надворешна политика на ЕУ ја поздрави арапската иницијатива за обнова на Газа
„Ја поздравуваме арапската иницијатива за обнова на Газа и се обидуваме да помогнеме колку што можеме“, изјави Калас

ИСТАНБУЛ (АА) - Шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, денес ја поддржа арапската иницијатива за обнова на Газа, истакнувајќи ја посветеноста на ЕУ кон обнова на регионот, јавува Анадолу.
„Ја поздравуваме арапската иницијатива за обнова на Газа и се обидуваме да помогнеме колку што можеме“, изјави Калас пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Таа потенцираше дека е неопходна меѓународна соработка за враќање на стабилноста во оваа разурната енклава и нагласи дека ЕУ е подготвена да обезбеди поддршка каде што е потребно.
Изјавата на Калас се случи во време на зголемена загриженост за хуманитарната криза во Газа. Конфликтот предизвика масовни разурнувања, оставајќи илјадници луѓе раселени, а инфраструктурата во урнатини, што го прави обновувањето итен приоритет.
Иако деталите за арапскиот план за обнова сè уште не се целосно разјаснети, позитивниот прием од страна на европските лидери, укажува на поширока подготвеност за учество во закрепнувањето на Газа.
Освен на напорите за обнова на Газа, Калас се осврна и на пошироките геополитички прашања, вклучително и конфликтите во Украина и Сирија.
Во врска со Украина, таа ги поздрави неодамнешните мировни разговори во Џеда, но нагласи дека сега е на Русија да одлучи во однос на нејзината подготвеност за искрени преговори.
„Тие како услови ги поставуваат сите нивни крајни цели што сакаат да ги остварат од војната“, посочи Калас, доведувајќи ја во прашање искреноста на Москва во однос на мировниот процес.
Во врска со Сирија, Калас изрази длабока загриженост за ескалацијата на насилството, предупредувајќи дека „надежта за Сирија навистина виси на конец“.
Таа ја истакна важноста од работа со регионалните партнери за да се обезбеди стабилност и ја нагласи потребата од одговорност во справувањето со злосторствата од минатото.
Во однос на американските тарифи кон Европа, Калас истакна дека, иако ЕУ не сака трговска војна, ќе ги брани своите економски интереси доколку е потребно.
„Ако против нас се започне трговска војна, ние исто така ќе реагираме и ќе ги заштитиме нашите интереси“, порача Калас.