Diyar Güldoğan
17 Мај 2024•Ажурирај: 18 Мај 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера телефонски разговараше со израелскиот колега Јоав Галант за потребата од зголемување на хуманитарната помош за Палестинците во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Секретарот Остин разговараше за напредокот на САД во отворањето на поморскиот коридор за зголемување на хуманитарната помош за Газа. Министерот Галант и секретарот Остин ги разгледаа најновите напори да се обезбеди ослободување на заложниците што ги држи Хамас“, изјави секретарот за печат на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Телефонскиот повик е извршен откако Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) вчера изутрина објави дека пловното пристаниште е укотвено на плажата во Газа и дека камионите со хуманитарна помош се очекува да почнат да се движат кон брегот „во текот на наредните денови“.
Остин, исто така, рече дека е неопходно да се обезбеди заштита на цивилите заедно со непрекинатиот проток на помош пред секоја потенцијална израелска воена операција во јужниот град Рафа во Газа, додаде Рајдер.
Израелската армија започна офанзива на 6 мај во Рафа, дом на околу 1,5 милион раселени Палестинци, при што Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) проценува дека околу 600.000 луѓе го напуштиле градот од почетокот на израелскиот напад.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во енклавата.
Повеќе од 35.200 Палестинци се убиени, а над 79.200 се повредени од октомври минатата година по нападот на палестинската група Хамас.
Повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.